Wednesday, April 9, 2014

„ЕВГЕНИЈ ОНЕГИН“

САЕМОТ НА КНИГАТА како една од најзначајните културни манифестации во земјата обезбедува најголема концентрација на дела од домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста.
26-тиот, по ред Саем на книгата 2014  несомнено ќе биде место на литературни читања и обраќања на еминентни автори од оваа област кои одново ќе ја истакнат моќта на книжевните дела како суштински фактор за културното творештво на секој народ. На Саемот на книгата на едно место се претствуваат најголемите домашни издавачи, но и издавачи од регионот  што го прави овој саем еден од најатрактивните манифестации чиј број на посетители се движи околку 40.000.


Романот започнува со претставување на Онегин, кој по смртта на вујко му од кого добил наследство, решил да замине на село и да го смени начинот на живот, бидејќи градскиот веќе му здодеал.
Поетот се навраќа на минатото на Онегин, на татко му, кој правел по три бала годишно и на тој начин го потрошил богатството. Се навраќа на детството, кога Онегин не добил којзнае какво образование и на неговата младост, кога најважно од
сè му било убаво да се облече, да оди по балови и театри и да кокетира со девојките.
Без разлика на неговото површно образование, тој знаел убаво да зборува, знаел да се шегува, бил прифатен во друштвото и омилен кај дамите. Тој постојано излегувал, бил канет на сите балови и приеми, а дома се враќал во мугри кога другите луѓе тргале на работа. Во театарот него не го интересирале претставите и уметноста, туку убавината на дамите. Дома тој имал свој работен кабинет, но Пушкин со иронија го опишува, бидејќи во него имало: турско луле, увозни украси, парфеми, прибор за нокти. Всушност, тој кабинет не бил за работа, туку за дотерување. Таму тој поминувал по три часа дневно контејќи се. И неговата облека била помодарска, странска. И храната исто така, односно, специјалитетите што ги јадел биле странски. Всушност сè во животот на Онегин е подредено на уживањето и на бесполезното поминување на времето. Преку него, Пушкин ни ја претставил однародената, безработна петроградска младина. Тој е тип на излишен човек (непотребен, вишок).
Откако му здодеал ваквиот бесмислен живот, а и заради вујкото кој е пред умирање и кој му остава наследство, Онегин решава да замине на село.

Но писмо одеднаш му дојде:
да тргне веднаш, овој саат.
Го викна вујко му да појде —
за заден да се видат пат.
Ги прочита редојте неми,
за патот далечен се спреми,
го приготви багажот свој,
на тројката се качи тој,
и, зарад пари готов беше
на лаги, воздишки, на се...

Но, и на село само неколку дена бил воодушевен од воздухот, природата и мирот, а потоа повторно му станува здодевно. Се обидува да ги смени господарските односи со воведување на помали даноци со што го предизвикува револтот на соседите.
Тогаш во селото доаѓа Владимир Ленски, убав, млад поет. Тој е сосема различен од Онегин. Тој ја сака природата, ја опејува во своите песни, живее во занес и верува во чистата и искрена љубов.

...Се зближија. Та бран и камен,
ил стих и проза, мраз и пламен
по нешто личат, блиски се...
Но зарад спротивностите,
во нив досадата се влеа.
А потем ... што да зборувам
и зошто да оспорувам!
- Неразделни и блиски беа.
Од немање што да правиш
пријателство ќе направиш!...

Тие толку се зближуваат што Ленски отворено му раскажува на Онегин за големата љубов што ја чувствува кон Олга. Тој ја засакал уште кога биле деца, ја гледал како расцутува и се вљубувал во неа, осамувајќи се и посветувајќи и безброј песни. Сестрата на Олга, постарата - Татјана била различна и посебна.

Молчалива и тажна, дива
ко срна плашлива што бива,
во својот роден татков кат
ко туѓа била секојпат.
Од својте галена да биде
не можела да трпи баш;
ко дете неа никогаш
да игра никој не ја видел,
Крај прозор сама седела,
по цел ден, мисли редела.

Таа не се интересирала за женските работи, за везењето, за облеката, за модата, неа ја интересирале страшните приказни кои во детството и ги раскажувала дадилката, ја интересирала природата, изгрејсонцето и читањето на романтичарските книги.
Претставувајќи ги сестрите, поетот се навраќа и на нивните родители, на нивната мајка која во младоста била вљубена во друг, но нејзините ја омажиле за имотен човек, па по некое време таа се помирила со судбината и презела сè во свои раце - владеела со својот маж и со имотот. Таткото, пак, ја сакал, и дозволил сè, и верувал и само јадел, пиел, спиел и понекогаш со блиски пријатели попладне се дружел. Живеејќи мирен селски живот остареле заедно и тој починал.
Заедно со Ленски, од здодевност и Онегин оди во посета кај Ларини. При таа посета, мирната и повлечена Татјана се вљубува во Онегин бидејќи тој е единствениот нов лик во селото. Таа само чекала да се вљуби во некого, во главата и срцето направила место за својот идеален љубовник. Не го ни познава каков е, но го поистоветува со ликовите од романите што ги чита. Затоа, кога ќе се појави Онегин, таа ќе си рече: тоа е тој!
По оваа средба Татјана уште повеќе се повлекува во себе и гори од љубов. Не можела да јаде, не можела да спие. Единствена на која и се поверувала била нејзината дадилка, па во разговорот со неа малку ја стивнувала својата љубовна болка.
Љубовта на Татјана поетот ја опишува со многу милост и топлина, но и со сочувство кон нејзината наивност, заслепеност, страст која и ја отвара душата и ја прави бескрајно искрена. Не знаејќи како да си ја стивне љубовната страст, таа решава да му напише писмо на Онегин во кое сосема отворено ги искажува чувствата.
На крајот од писмото таа вели:

Но — сеедно: во твое крило
судбината ја препуштам
што заштита од тебе моли...
Би сакала да не пуштам
ни плач... но, напразно? ме боли.
Јас сама сум. Зар некој мене
ме разбира? Но кој е тој?
Молчејќи гинам ... Сепак, денес
те чекам тебе мили мој.
Со поглед еден надеж јака
оживи ми, ил овој сон
прекрати го со ошто сакаш:
со прекор, презир, суров тон.

Завршувам! До смрт се плашам:
јас премирам од страв и срам...
Но, позната е честа ваша:
во неа не се сомневам...

Таа три дена чека одговор на писмото, пребледува и гори, но одговор нема. Тогаш Онегин доаѓа во нивната куќа, а таа од срам и страв бега во градината. Тој ја наоѓа и и кажува дека е многу поласкан од нејзиното писмо, дека тоа поттикнало љубов кај него, дека кога би сакал да се жени, би ја одбрал неа, но тој не е подготвен на таков чекор. Објаснува дека тој не човек за брак и дека таа би била несреќна со него. На крајот ја теши дека таа ќе си најде друга љубов, подостојна од него. Татјана не му одговара ништо, само си ја наведнува главата од болка и тага.
По тој состанок љубовта кај Татјана не стивнува. Таа и понатаму тагува, молчи, не спие и свенува.
А, љубовта на Владимир кон Олга сè повеќе расте. Тој по цел ден е кај неа, и пишува песни во нејзиниот споменар, а не може да се оддели од неа ни ноќе зашто и сонот и го посветува. А, таа, весела, жуборлива, не ги ни чита неговите песни, не ги сфаќа сериозно и лесно наоѓа и друга забава.
Времето минува, Онегин повлечен на својот имот станува како Чајлд Харолд, го обзема монотонијата и мрзливоста. Зимата, доаѓа Владимир и го посетува и поканува Евгениј кај Ларини на именденот на Татјана.
На прославата, Онегин ја забележува тагата на Татјана која го оптоварува и не му се допаѓа.

Не трпеше Евгениј веќе
од нервни појави ни траг;
девојчински тој солзи нејќе,
ни сака нејзин воздив благ.
Се лути чудаков што дојде:
Со погледот по Тања пројде:
ја виде свената од бол.
Тој спушти поглед, молњи полн,
се наду. И негодувајќи,
тој Ленски ќе го фрла в бес,
— за одмазда. Ни пет ни шест
и предвреме тржестувајќи
во својта душа, полна гнев
— со гостите ќе прави смев.

Прославата продолжува, гостите јадат и пијат, се развеселуваат. Кога започнуваат валцерите, тој го дочекува часот на одмаздата. (Сака да си поигра, да го нервира и да му се одмазди на Ленски зашто го повикал на забавата на која тој треба да ја трпи тагата на Татјана.) Ја повикува Олга да игра со него и со неа ја поминува целата вечер. Од срам и од љубомора Ленски го предизвикува Онегин на двобој.
Пред двобојот, во лутина, Ленски посакува да не ја види повеќе Олга, но таа се појавува пред него весела и безгрижна како и секогаш, прашувајќи го каде се загубил тој на прославата. Тоа малку го расколебува за извршувањето на двобојот, бидејќи повторно се чувствувал сакан. Но, омразата кон Онегин и потребата да ја заштити Олга од таков развратник и ласкател, ќе го одведе во смрт.
Во двобојот, по стапките на оддалечување, Евгениј пука и го погодува Ленски под срцето, а Ленски воопшто не испукува од својот пиштол. Тогаш Онегин се чувствува изиграно, го гризе совеста и иако победник, тој е поразениот.
По таа случка, Онегин му се враќа на стариот живот, веќе никој не знае ни каде е, ни што прави.
Од друга страна, пак, за жал, поетот Владимир Ленски, неговата љубена брзо го заборава и се омажува за друг. Татјана останува сама во селото. Таа тагува, шета по полињата и еднаш влегува во куќата на Онегин, во неговиот кабинет. Гледајќи ги неговите работи, читајќи ги неговите книги, таа за првпат се запознава со него и сфаќа каков бил тој.
Во тој период Татјана ги одбива сите понуди за брак, па затоа мајка и одлучува да заминат во Москва каде сигурно ќе се најде некој за ќерка и. Таму ги дочекуваат многубројните роднини, а сите тетки веднаш се обидуваат да и најдат некое момче. Ја носат по балови и театри и ја запознаваат со многу луѓе.
Патешествијата и желбата за забава и заборав, го доведуваат и Онегин во Москва, на бал, каде го сретнува својот стар пријател, кнезот, кој се оженил со Татјана. Кога се сретнуваат во новата средина, во изменета ситуација, Татјана реагира многу ладнокрвно, достоинствено, учтиво му проговорува и си заминува.
Онегин не може да верува дека оваа рамнодушна московска дама е истата девојка од село. Тој се вознемирува, почнува сонот да не го фаќа, да мисли само на неа. Тогаш му стигнува покана за вечера кај кнезот. Станува нестрплив, едвај чека да оди и да ја види.
Оди на гости растреперен, влегува кај нив, и иако на момент е насамо со Татјана, тој не може ни да прозбори. На вечерата таа е прекрасна, со сите гости се однесува убаво, насмеана, љубезна, вистинска домаќинка. Ваквата Татјана, Онегин не може да ја тргне од умот.

Но, без сомнение: Онегин
љубовната ја сети моќ:
во мисли љубовни тој сега
поминува и ден, и ноќ.
Без трошка страв од својта совест
под прозорец Татјанин снове
и, речиси, е секој ден.
Ко сенка тој ја гони, нем,
и среќен, чест што му падна,
— тој крзно и наметнува
и погледот засветнува
од допирот на рака ладна.
Ги враќа назад слугите,
и држи шал пред другите...

На сето тоа, Татјана не реагира. Од невозвратената љубов, Онегин се разболува, но не сака  да оди во странство и да се лекува бидејќи сака да биде во нејзина близина. Немоќен, несреќен, тој решава да и напише писмо. Во него тој ја изразува својата љубов и каење што кога таа сакала, тој не бил подготвен за брак. Сега, тој е подготвен да ја моли, да ја преколнува, да плаче, само таа да му ја возврати љубовта. Но, таа не му одговара. Тој и пишува уште писма, но не добива никаков одговор.
Онегин се повлекува во себе, чита книги, живее во минатото. Пролетта тој малку живнува, почнува да шета, но не издржува и оди кај Татјана. Ја наоѓа дома сама, облеана во солзи читајќи ги неговите писма. Остануваат некое време гледајќи се со љубов, но Татјана прва го прекинува тој момент. Таа многу трезвено му кажува дека секогаш ќе го сака, и дека и е жал што тој не ја прифатил нејзината љубов кога тоа била возможно, но дека сега е доцна и таа нема да го изневери својот маж.

No comments:

Post a Comment